РОУАН ГИБСОН, СВЕТСКИ ЕКСПЕРТ ЗА ПРАВЕЊЕ ПАРИ ВО УСЛОВИ НА ГЛОБАЛНА РЕЦЕСИЈА


Иновациите и инвестициите ќе ве извлечат од криза!

Лидери на 21 век ќе бидат оние кои ќе ги трансформираат компаниите во теренско возило, кое ќе се адаптира на сите препреки, но и ќе биде лесно за маневрирање - вели експертот Гибсон


Вложување, приспособување на услугите на компаниите кон барањата на клиентите, иновации и сооработка на Владата со бизнисмените, се препораките, кои вчера во Скопје, по средбата со најпознатите македонски бизнисмени, ги упати Роуан Гибсон, американскиот експерт за стратегии за надминување на ефектите од глобалната рецесија. Според Гибсон, победници во 21 век ќе бидат оние кои и во најтурбулентните економски времиња ќе бидат расположени за промени, кои постојано ќе ги редефинираат сопствените индустрии, кои ќе создаваат нови пазари и не се "статус кво".
- Сите земји и компании се соочуваат со оваа криза, со слични предизвици, а решението е преку иновација, да се поттикнат потрошувачите. Ова најдобро се прави преку сооработка на владиниот и бизнис секторот - препорачува Гибсон.

Тој предлага Владата да го стимулира бизнисот да продолжи да работи и во услови на криза.
- Владата треба да го поттикнува бизнисот и отворањето мали претпријатија во кои ќе се вработат по еден или двајца луѓе, како и да работи на привлекување странски инвестиции кои ќе ја ангажираат неискористената работна сила во Македонија - истакна Гибсон, додавајќи дека Владата во овој период работи на привлекување странски инвестиции.

Според Гибсон, во секоја економија постојат моменти на продажна и финансиска криза, а најлошите економски времиња можат да бидат најдобар момент за водење бизнис, за надминување на конкуренцијата и за зголемување на профитот.
- Лидери на 21 век ќе бидат оние кои ќе ги трансформираат нивните компании во нешто што наликува на теренско возило - ќе има способност да се адаптира на сите препреки и секаков терен, моќно возило, но сепак, лесно за маневрирање - вели Гибсон.

Тој низ изминатите две децении сооработувал и бил дел од успехот, но и им помогнал на многу светски познати компании како Microsoft, Nokia, Heineken, Philips, Roche, ING Bank, Erns & Young, Investec, IBM, Bayer, Philipis, Siemens, Volkswagen, Gap, Renault, Mercury Internacional, Nestle, Nike, Delloite, Proctel & Gamble, TNT... Многу врвни светски менаџери и политичари присуствувале на неговите конференции, а дел од нив се Том Питерс, Бил Гејтс, бившиот британски премиер Тони Блер и други личности.

Сивата економија бележи раст во услови на рецесија
Сивата економија во Европа по подолго време бележи пораст додека речиси сите економски сектори во Унијата ги тресе сериозна криза и рецесија, се наведува во анализата на бриселскиот портал ЕУобсервер, во кој се потсетува дека "црниот пазар" ја опфаќа неоданочената трговија и услуги, односно плаќањето "на рака" без издавање на сметка.

Резултатите од истражувањето на група австриски експерти, на кое се повикува ЕУ обсервер, покажале дека "сивата економија" во 14 богати членки на Европската унија ќе се зголеми од 0,3 до 0,9 отсто.

Најголем пораст на сивата економија се очекува во Велика Британија, Ирска и Шпанија, додека најмал во Германија, Австрија и Белгија.
Поранешните комунистички земји не се опфатени во истражувањето, но се очекува во нив да има најголем пораст на "сивата економија".

Радмила Ј. НИКОЛОВСКА