НА ЈАВНО НАДДАВАЊЕ СЕ ПРОДАВА АТРАКТИВНА ПАРЦЕЛА ВО ПЕТРОВЕЦ
Близу Александар Велики ќе се гради хотел де лукс
По електронски пат ќе се продава државно градежно земјиште со вкупна површина од околу 152 илјади метри квадратни за почетна цена од 500 денари и 5.515 квадрати приватно земјиште по почетна цена од 1.800 денари
Близу аеродромот Александар Велики во Петровец ќе се гради луксузен хотелски комплекс, но од кој бренд ќе се знае по 8 октомври годинава, за кога Министерството за транспорт на веб страницата: www.aukcija-mtc.gov.mk. ќе го одржи електронското јавно наддавање. Според објавата на ресорното министерство, станува збор за државно градежно земјиште со вкупна површина од околу 152 илјади метри квадратни составено од три градежни парцели кое ќе се продава за почетна цена од 500 денари и уште една парцела од 5.515 квадрати приватно земјиште по почетна цена од 1.800 денари. На електронското јавно наддавање можат да учествуваат сопственици на ланец хотели кои поседуваат најмалку 5 брендирани хотелски објекти, односно имаат изградено најмалку пет хотелски објекти, брендирани од еден ист сопственик на името на брендот. Ова е посебниот услов за учество на заинтересираните за купување на државната земја. Сопствениците на приватното земјиште, пак се согласни да го продадат земјиштето по цена од најмалку 1800 денари за квадрат за што имаат доставено изјави заверени од нотар.
Од општината информираат дека овој комплекс е вцртан во Детален урбанистички план и ќе значи многу за развојот на општината Петровец. - На потенцијалниот купувач му е овозможено да изгради хотелски објекти на осум ката на 30 отсто од парцелата. На преостанатиот дел му се дава можност да внесе спортско - рекреативни содржини по свој проект кој што се разбира треба претходно да биде одобрен од надлежните институции. Значи, инвеститорот ќе може да гради спортски терени, базен, забавно-рекреативен парк. Ова е атрактивна локација, особено поради тоа што се наоѓа во една живописна околина, со прескрасна придода а е многу блиску до автопатот и се разбира до Скопскиот аеродром - велат од Општина Петровец.
Во согласност со одредбите на објавата, лицитацијата ќе може да се спроведе и доколку има само еден заинтересиран субјект. Купувачот ќе биде обврзан градежната дозвола за комплексот да ја обезбеди во рок од најмногу шест месеци по потпишувањето на договорот за отуѓување на земјиштето, а за максимум две години ќе треба да заврши со градбата.
Елизабета АРСОСКА
|