ЈУЖНОАМЕРИКАНСКОТО РИВАЛСТВО ДОБИ НОВА ДИМЕНЗИЈА
Фудбалска војна со кондоми на Бразил и Аргентина
Лутите јужноамерикански противници Бразил и Аргентина во пресрет на својот натпревар во квалификациите за Светското фудбалско првенство во 2010 година, почнаа војна со сексуални алузии. Аргентинците им порачаа на Бразилците дека ќе им го "набијат", а овие им возратија дека нема да им биде "доволно тврд".
 
Првиот дуел меѓу овие фудбалски сили заврши без голови во Бело Хоризонте, а реваншот е дури на 5 сепември, но предиграта започна. Психолошката војна со сексуални алузии први го почнаа "гаучосите", односно една аргентинска компанија за продажба на кондоми.
Фирмата Тулипан, по пат на духовит оглас за својот производ, им порачува на Бразилците што ги чека во септември и како ќе поминат во дуелот против Лионел Меси и неговите соиграчи од репрезентацијата. Пораката е мошне јасна - на фотографија е прикажана големата буква А (Аргентина) како пенетрира во големата буква Б (Бразил).
Иако се горди на своите жени, нивните извајани тела и совршени задници, на Бразилците шегата на Аргентинците не им беше ни малку смешна. Затоа решија да возвратат со иста мерка, правејќи сопствена реклама во која се потсмеваат на сметка на Аргентинците.
Големата буква А, која претходно беше во "ерекција" ја сменија во мало А, што е опуштено и млитаво, порачувајќи им на индиректен начин на своите идни противници дека во таа средба "воопшто нема да им се дигне".
По 14. коло од квалификациите во јужноамерканската зона Бразил е лидер на табелата со 27 бода и се смета за сигурен учесник на СП 2010. Аргентина со 22 бода го заземе 4. место, што исто така носи настап на завршницата во Ј. Африка, но по двата последователни порази во Ла Паз и Кито, тоа им е загрозено од Еквадор, кој заостанува само два бода. На Мундијалот директно одат првите четири екипи од оваа зона, а петтата игра бараж со претставникот на КОНКАКАФ.
|