ВО МУЗЕЈОТ НА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ
Берлинската сцена во Скопје
Од вечерва па до средината на август, во изложбениот салон на МСУ ќе биде претставена изложбата "Импресии: берлинска ликовна сцена" на која ќе бидат претставени дела на 18 врвни германски автори
Македонските граѓани во наредните два месеца ќе имаат можност да се запознаат со делата на врвните германски уметници од берлинската сцена. Во Музејот на современата уметност во Скопје, вечерва (20 часот) ќе биде отворена изложбата "Импресии: берлинска ликовна сцена", на која ќе се претстават 21 уметник од Германија. -Селекцијата на автори е на кураторот д-р Ролф Кулц Мекензи, на берлинската уметничка сцена. Мекензи секако немаше лесна задача при изборот на авторите, но како и секогаш, тоа е едно можно видување, еден личен избор. Се работи за веќе етаблирани уметници на германската и европската ликовна сцена, за кои сметаме дека ќе предизвикаат интерес кај јавноста, вели Елиза Шулевска директор на МСУ. Таа потенцира дека на база на реципроцитет е договорено и учество на делата на наши уметници во Берлин.
Според Мекензи, се работи за автори кои ја диктираат берлинската сцена и автори кои се толку значајни и важни за светската уметност, што и еден мал сегмент од нивното творештво може да упати кон истражување и откривање на таа сцена. -Изложбата достојно ја презентира една социјална реалност во Берлин, град со своја историја, отворен град, град кој нуди перспективи и кој ги привлекува уметниците и од источните и западните земји, вели Меккензи.
Инаку, претставени се автори од сите генерации, дури има и дела на автори што се над 78-годишна возраст. Според Меккензи, сцена во која што се презентирани автори од различно национално потекло, токму и ја прават Берлинската имигрантска уметничка атмосфера, а повеќе од 50 отсто од претставените автори не се Германци туку странци кои подолго работат на оваа сцена и кои бараат простор за сопствен идентитет во современото глобално општество. Изложбата ќе ја отвори амбасадорката на Р. Германија во Македонија, Улрике Кноц.
Слики, фотографии и инсталации На изложбата со свои слики, цртежи, фотографии и видео инсталации ќе се претстават Волфганг Петрик, Валтер Ленерц, Винифрид Булингер, Урс Јеги, Јован Балов, Хајке Даксл и Ингеборг Филеп во селекција на кураторот Мекензи и авторите Тим Дојсен, Мартин Јуф и Дагмар Тиншман-Лихтефелд по избор на Јован Балов, раководител на Прима центарот и галеријата во Берлин.
(Д.Т.)
|