вторник, 29 ноември 2011  ::  Бр. 14853
Маркетинг Контакт Импресум Претплата Пријатели Архива
Излегува секој ден освен недела. Првиот број излезе на 11.11.1963 год.
 
НАСЛОВНА Вести Економија Скопска Балкан Култура Life Style Спорт Stars Свет Од почеток Видео
Вести


СТАРСКИ ДОМОВИ - БИЗНИС ШТО ЦВЕТА НА ГРБОТ НА ДЕЦАТА!


Маката во третата доба се решава со резервација "плати па клати"?!


Неколку скопски старски домови практикуваат да ги гарантираат леглата со резервација, т.е. плаќате еден месец на празно само за да ви биде загарантирано местото од наредниот месец. Велат кај нас ситуацијата се менува од денес за утре и за да не дојде до тоа денес да има, а утре нема, најубаво е да резервирате кревет и ние ќе ви го чуваме. Само треба да платите!


Немилосрдната трка по заработувачка и брзиот начин на живеење, неминовно доведуваат до немање време, а ни нерви, за грижа за старите лица во семејството. Најбезболниот начин за решавање на ситуацијата, во корист на двете страни, се почесто и кај нас станува сместувањето на остарениот член на семејството во старски дом. Така, никнаа и бројни фирми што ветуваат не само "љубов и внимание" за старите лица туку и луксузна околина. Старечката мака, која по правило ја следат и разни здравствени проблеми, во недостиг на државни установи од овој вид, ја решаваат приватните геронтолошки центри, кои личат на хотели со три ѕвездички. За сума од 300 до 500 евра, во зависност од условите и услугата, бизнисот со нудењето грижа и удомување на пензионерите од година во година практично цвета. Најчесто, ваквите домови се местото каде што совеста ја смируваат стотици нови бизнисмени, со тоа што ги сместуваат своите довчерашни старатели во разните домови, каде што и најчесто ја дочекуваат смртта. Неофицијалната бројка на ваквите фирми во Македонија во изминативе години беше околу 40, но според официјалните информации на Министерството за труд и социјална политика на наша територија постојат 12 старски домови, од кои 11 се во Скопје, а еден во Неготино. Останатите, пак, кои и покрај притисокот од власта да извадат лиценци, регистрирани се како приватни фирми, т.е. како пансиони за туристички услуги или разни агенции, а сепак згрижуваат стари и изнемоштени лица и притоа остваруваат профит. Оние со лиценци, пак, или се премногу скапи за старите или пак се полни. Во Скопје речиси и да не постои дом кој нуди нега под 300 евра. Оваа огромна сума што се бара за нега на старите лица освен што им создава главоболка на самите нив поради тоа што пензиите им се двојно пониски, релативно е висока и за децата на чијшто грб се најчесто старите лица. Во старскиот дом Милица" во Кисела Вода постојат два пакета на нега, од кои оној поевтиниот е 350 евра, а поскапиот е 500. Разликата е во тоа што со 350 евра месечен надоместок не спаѓаат трошоците за лековите, инфузиите, превозот до некоја болница итн. Нешто слична цена се плаќа и во домот Жана С" во Радишани, во кој за 25.000 денари добивате легло. Нормално, ако имате среќа! Но, за да не играте на коцка, неколку скопски старски домови практикуваат да ги гарантираат леглата со резервација, т.е. плаќате еден месец на празно, само за да ви биде загарантирано местото од нареден месец. Велат кај нас ситуацијата се менува од денес за утре и за да не дојде до тоа денес да има, а утре нема, најубаво е да резервирате кревет и ние ќе ви го чуваме. На ваков принцип на капарисување кревет работи старскиот дом Феникс" во населбата Волково, во кој ветуваат 24-часовна нега, дежурен лекар, психолог, психијатар итн. Но, праксата во Скопје докажала дека и покрај ветувањата на надлежните во домовите, дежурни лекари не постојат, т.е. постојат доктори на повик кои доаѓаат само доколку имаат потреба. Редовен дневен преглед е речиси и непостоечки поим низ ходниците, туку истиот се случува само доколку се појави некоја мака со старите лица. Но, докторите не се единственото што недостига во домовите. Голем број корисници тврдат дека нивните родители биле малтретирани и дрогирани со најразлични лекови, се со цел надлежните да си ја олеснат работата со старците, која од ден на ден станува се потешка и премногу обврзувачка. 53-годишната Виолета, чиј татко веќе една деценија живее со Алцхајмерова болест вели дека нема дом во кој не бил.
-Станува збор за тешка болест со која се оштетува мозокот на луѓето и поради тоа лицата болни од Алцхајмерова болест се тешки за чување. Но, татко ми живее 10 години со оваа болест и се докажа дека ако се има правилната нега, смртта е далеку. Но, кога и да го однесев во дом, надлежните таму му велеа дека ќе издржел само уште еден месец. На почетокот се чудев зошто сите ми викаат така, за по една недела да сфатам дека и биле во право. Ова го велам, бидејќи по една недела во секој втор дом во Скопје го земав 20 килограми послаб и во бесознание. Еднаш не можев да го разбудам цели 4 дена, а имаше и рани на рацете. Претпоставувам дека го врзувале само за да биде мирен, раскажува Виолета, при тоа додавајќи дека моментално нејзиниот татко го чува домашна негувателка, која ја плаќа многу поевтино од надоместокот што го плаќала во домовите.

Домашна нега
Покрај ваквите престојувалишта, во Македонија се појавија и голем број агенции што нудат нега на стари лица, но во автентични, услови т.е. во нивните сопствени домови. Цената повторно зависи од потребите. Малите фирми освен нега, нудат и секојдневна грижа која подразбира чистење, пазарување, облекување, хранење, капење, хранење итн... Најчесто станува збор или за медицински сестри кои одат во домовите на болните или обични негувателки или жени во домовите на старите и изнемоштените лица. Висината на надоместокот зависи од времето и потребите на тој што треба да се негува и се движи од 9.000 до 12.000 денари месечно, со тоа што жените одат од неколку часа дневно до цело деноноќие, т.е. да живеат со старите лица. Ваквите агенции функционираат со огромен профит само поради тоа што дел од старите лица не сакаат да одат во старски домови, а животот станува се побрз и обврските на нивните деца кои се вработените се поголеми, па така и нема многу време за грижа за старите лица.
-Мојата мајка ја чува болничарка која ја најдов преку една агенција. Во зависност од тоа колку време е со мајка ми, толку и плаќаме. Понекогаш останува цела вечер, а понекогаш доаѓа само на неколку часа. Цената која и ја плаќаме е околу 200 евра. Мојата мајка не сака да оди во старски дом, а јас немам време да сум постојано околу неа, па ова е идеално решение, ни рече 52-годишната Невена, при тоа додавајќи дека надоместокот кој го плаќаат е секогаш поевтин од сместување во државниот дом, што е уште една причина плус што цвета овој бизнис. Но, освен ќерките и синовите и старите луѓе се повеќе сакаат да имаат домашни негувателки.
-Во секој случај ми е многу поубаво да имам своја негувателка која ќе ми помага само на мене, а не на уште десет старци. Јас имам негувателка која има завршено медицинско, но која е без работа и за која плаќам 250 евра. Иако не е евтино, сепак и вниманието е вклучено во цената, ни рече 77-годишниот Кире, кој е тешко подвижен.

Згрижување од државата
Единствениот државен старски дом во Скопје е "Мајка Тереза", што работи во склопот на Геронтолошкиот центар "13 Ноември", во кој пак се вклучени Геријатријата во Ѓорче Петров и Хосписот за палијативна грижа на болни од малигни заболувања "Сју Рајдер". Капацитетот на "Мајка Тереза" е 111 легла, кои најчесто се полни и се празнат само доколку некој почине. Иако од Министерството за труд и социјална политика велат дека во моментов во домот се сместени 93 корисници и дека нема листа за чекање, што во превод би значело дека 18 легла се слободни, сепак чекачите го тврдат спротивното.
- Изминатата недела бев во државниот дом Мајка Тереза" за да го сместам татко ми кој има 90 години и кој е болен од Паркинсонова болест. Но, надлежните во домот ми кажаа дека сите легла се зафатени и дека ќе ми јават доколку почине некој во меѓувреме. Но, исто така, ми кажаа дека предност ќе немам јас, бидејќи во изминатите денови истото им го ветиле на уште три фамилии кои имаат сличен проблем како мојот, ни кажа 55-годишниот Благоја, при тоа додавајќи ни дека иако државниот дом е за нијанса поевтин од приватните старски домови, сепак, пензијата на неговиот татко нема да може да го покрие месечниот трошок, кој се движи од 13.200 до 13.600 денари месечно.

Основни услови
Зградата треба да биде приспособена на инвалидите, собите, (покрај телефон, клима-уред, телевизор) треба да имаат посебен дел за спиење и бања, а установата мора да поседува и болничко возило.
Во светот за старите лица грижата на државата е на високо ниво и ваквите институции за социјална заштита повеќе личат на хотели од висока категорија. Геронтолошките центри мора да ги исполнуваат основните услови како: во нив се е организирано, од здравствена нега и хигиена до културно-забавен живот. Старските домови по правило се од отворен тип, па пензионерите можат да влегуваат и излегуваат, но со пријава. Секој ден мора да има тим на лекари (општа практика, интернист, кардиолог, психијатар), медицински персонал (сестри, негувателки, физиотерапевти), тим на социјални работници, работен терапевт, координатор во клубовите, готвачи, технички персонал. Услугите се слични како во хотел: три оброци, чајна кујна, перење алишта... Социјалните работници ги координираат меѓусебните односи и активностите на старите лица. Зградата треба да биде приспособена на инвалидите, собите, (покрај телефон, клима-уред, телевизор) треба да имаат посебен дел за спиење и бања, а установата мора да поседува и болничко возило. Болните можат да бидат сместени во истиот комплекс, но во посебна зграда.

Ивана ТРАЈКОВСКА





Статијата е прочитана 2029 пати. #

Зошто мојот коментар не излегува на Web страницатa?

Оставете коментар за објавената вест
Сите полиња се задолжителни!

Од кого:


Коментар: 


*Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 

    

Изјава на денот
Не си маж ако не доживееш Hangover!
Ратко Капушевски, директор на спортскиот центар "Борис Трајковски"

 

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

 
 

Снег на Водно
Блесок 10
Марфи
Ако не е еротично, не е интересно.