Од денес стапува во сила забрана за нивна работа во Русија
Руските коцкарници се селат на Балканот!
Според некои сознанија, засега Црна Гора, Србија, Бугарија, па и Хрватска се сигурни, а наводно се размислувало и за Словенија и Македонија
Сопствениците на големите синџири руски коцкарници велат дека своите казино бизниси ќе ги префрлат на Балканот и во другите делови на Европа, бидејќи од денеска тие повеќе не ќе смеат да работат во Русија. Поточно, ова Путин им го навести уште во 2006 година (кога беше претседател на Русија) и им даде рок од три години да се определат за едно од четирите понудени локации за изградба на "Лас Вегаси", главно, во руските пустелии.
Првата локација наречена "Азов сити" е на границата меѓу Краснодорскиот крај и Ростовската област, втората насловена "Сибирска монета" е во далечниот Алтај, а третата, под работно име "Ќилибарска" е предвидена да се гради во Калињинградската област на Балтичкото Море. На четвртата се уште не и се знае локацијата, но и за овие досега, никој од крупните ѕверки во рускиот казино бизнис не пројавил интересирање, бидејќи се премногу далеку од коцкарскиот рај Москва, а и самите морале да инвестираат во изградбата на скапите мегаломански проекти на цели градови коцкарници со комплетна инфраструктура - од патишта до аеродроми.
Логиката на коцкарите да се евакуираат од Русија била едноставна. Се избегнува ризикот со непотребни големи инвестиции, а балканските земји се само на околу три часа лет од Москва, што е поблиску од несудените "сибирски Лас Вегаси". За Русите, кои имаат поинакви мерни критериуми за време и простор, тоа е куса релација, особено ако се земе предвид дека, на пример, аеродромот Шерметјево е речиси два часа од центарот на Москва, а за дачата (викендичка) која им е на три часа од дома - велат дека е блиску. Покрај ова, повеќето газди сметаат дека и традиционалните пријателски односи, сличноста на јазикот, верата.. биле дополнителни аргумени за преселба во една од балканските земји.
Според некои сознанија, засега Црна Гора, Србија, Бугарија, па и Хрватска се сигурни, а наводно се размилсувало и за Словенија и Македонија. Претседателот на компанијата "Корстон" Анатолиј Кузњецов веќе најави дека својата коцкарница ќе ја пресели во Будва каде го купил хотелот "Квин Монтенегро", во кој од Москва ќе ги прсели автоматите и масите за играње. Истото размислување го имаат и најголемите руски компании кои ги држат коцкарниците. Првите реакции на туристичките работници и стручњаците за казино бизнисот во балканските земји каде се очекува инвазијаа на руски казина е извонредна. Тие во ова гледаат брз и ефектен развој на коцкарскиот туризамм, кој може да донесе големи приходи од богатите руски туристи, нови вработување за локалното население, зголемена вкупна потрошувачка и друго.
Годишен ќар од над 6 милијарди долари Сопствениците на казината, кои годишно заработуваат над шест милијарди долари, се уште се надеваат дека властите ќе им попуштат и ќе им дозволат да работат во истите објекти, или пак ќе им овозможат работа под некаква замаскирана форма, како на пример центри за забава. Некои од нив, по најавата на Путин, се опробале и во работата со забавни паркови кои им носеле приходи од 350 до 400 милиони долари годишно. Сепак, дека од тие пусти надежи нема ништо, најдобро говори фактот дека кралот на казино бизнисот во Русија Олег Бајко ја дигнал чергата и се сели во белиот свет. Тој вложил над 200 милиони долари во отворање места за игри на среќа во Србија, Хрватска, Италија, Германија и Латинска Америка. Истото го направила и моќната компанија "Сторм" која својот бизнис го префрлила во Мексико, Германија и Ерменија.
|