ВО АВТЕНТИЧЕН АМБИЕНТ, МЕЃУ СЕЛСКИТЕ КУЌИ
Крпен живот се случи во мариовско Витолиште
Месечината ни беше инспициент, а небото и дел од паднатите мариовски куќи ни беа сценографски елементи. А се случи и необично нешто. На генералната проба додека попот во претставата велеше дека црквата се распаѓа, падна и дел од покривот на селската куќа, вели режисерот Владо Цветановски
Пред жителите на Мариово и голем број прилепчани, ансамблот на Прилепскиот театар прексиноќа во автентичниот амбиент меѓу селските куќи во Витолиште преку претставата "Крпен живот" ја раскажа приказната за животот минат во овие сега веќе раселени краишта. - Ова не е само претстава туку реконструкција на еден живот. Обид е да се оживее едно време, а публиката го препознаваше живеењето раскажано во претставата. Со метафорите и асоцијациите од претставата, се надевам ќе прозвучи актуелно, ќе открие некои нови состојби кои ни се случуваат и денес во нашиот крпен живот што го живееме во 21 век, изјави Блаже Миневски, кој ја направи адаптацијата на делото на Стале Попов, авторот роден токму во тие краишта.
Режисерот Владо Цветановски, кој со екипата помина добар дел од пробите во Мариово, смета дека се е симболика и со значење. - Жителите на Витолиште беа дел од публиката. Претставата речиси како да се одигруваше во нивните домови. Реагираа природно. Целиот анамбл влезе несебично во создавањето на претставата токму овде, во Мариово. Млад ите актери немаа дојдено во Мариово досега. Сега на поинаков начин го открија и го засакаа. Месечината ни беше инспициент, а небото и дел од паднатите мариовски куќи ни беа сценографски елементи. А се случи и необично нешто. На генералната проба додека попот во претставата велеше дека црквата се распаѓа, падна и дел од покривот на селската куќа, вели Цветановски.
Сите ние, додава режисерот, треба да најдеме начин оваа земја да ја издигнеме, да се обидеме да го вратиме она што нашите предци ни го порачуваат преку "Крпен живот": дека најважно од се е да имаш гајрет, да можеш да се насмееш, да се пошегуваш, инаку, како ќе живееле тие луѓе на овие простори, во ова сурова природа.
За градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, многу е битно што се прави обид да се сврти вниманието кон Мариово. - Ова е несекојдневна претстава. Не врати многу години назад. Ова е дел од културната понуда на Министерството за култура, на прилепскиот Центар за култура, на општината, за настаните да допрат до сите и до жителите на најдалечните места, рече Ристески. Претставата "Крпен живот" премиерно ќе биде изведена на 3 август на Охридско лето.
Бабичка ме даруваше со погача Публиката и жителите на Мариово реагираа на симболиката и метафорите во претставата. - Се случи нешто необично што ме трогна. По генералната проба мене како невеста од претставата, ми пријде една бабичка ми даде погача, ме дарува и ги направи адетите кои одат како што е на свадба. Не изненади пријатно, вели актерката Катерина Чакмакоска.
|