ЗА ГОЛЕМИОТ ПОЖАР ВО КУМАНОВСКАТА ФИРМА ВО 2001 ГОДИНА
Кјуби платиле за Киро Фетак неколку пати!
Неофицијално, според информациите до кои дојде ВЕЧЕР на 25 јануари 2001 година, во Кјуби била извадена осигурителна полиса на 23.862.780 денари на шест месеци. На 26 јануари 2001 година во фабриката избувнува пожар кој зафатил три погони
Кјуби има исплатено отштета по пожарот во фабриката Киро Фетак во неколку наврати на неколкумина кои биле отштетени, ни потврдија вчера од осигурителната компанија. Тие велат дека биле извршени неколку исплати во текот на 2001 и 2002 година, но за колкава сума станува збор, не сакаа да кажат. Велат висината на отштетата и имињата на доверителите се деловна тајна и за нив податоци можат да се даваат само со нивна дозвола.
Неофицијално, според информациите до кои дојде ВЕЧЕР на 25 јануари 2001 година, во Кјуби била извадена осигурителна полиса на 23.862.780 денари на шест месеци. На 26 јануари 2001 година (само ден подоцна) во фабриката избувнува пожар кој зафаќа три погони, од кои едниот на фирмата Еуротекс Зоран, другиот на бизнисменка од Куманово. Според информациите кои тогаш беа пласирани изгореле готови конфекциски производи и машини на приватното претпријатие "Еуротекс Зоран" од Скопје, во вредност од два милиона тогашни германски марки. Изгорел погон за чорапи изнајмен од еден турски бизнисмен и дел од магацинскиот простор закупен од неколку кумановски фирми. На работа, во моментот кога избувнал пожарот, била само стражарско-чуварската служба.
Два дена по пожарот бил претепан чуварот на фабриката, Љубисав Кузмановски. Тој се жалеше дека бил матретиран од полицискиот инспектор Зоран Алексовски. Многу наскоро беше покрената постапка против чуварот во фабриката за предизвикување општа опасност. Чуварот, пак, поднесе тужба против полицискиот инспектор Алексовски за физичко малтретирање во Полициската станица во Куманово. Чуварот Кузмановски тврдеше дека инспекторот Алексовски го претепал и му нанел тешки повреди. - Во полициската станица во Куманово, каде што отидов на 30 јануари, околу 14 часот, за мојата работа во "Киро Фетак" бев испрашуван од некои инспектори од Скопје како и од инспекторот Зоран Алексовски од Куманово. Сите тие ме принудија да поднесам изјава дека сум спиел на работното место во времето кога избувнал пожарот во дел од фабричките објекти. Јас тоа го направив под принуда, иако знаев дека не сум виновен и дека пожарот го пријавив каде што требаше. Полицајците од Скопје ми пуштаа струја на прстите на рацете и на градите, а потоа инспекторот Алексовски ме тепаше со цел да ја признаам вината за пожарот. Притоа ми рече дека коските ќе ми останат тука, на што јас го замолив да ме однесе во затворот во Шутка - тврдеше тогаш Кузмановски.
Три месеци подоцна, под чудни околности загинува чуварот Кузмановски. Наводно, настрадал во несреќа. Кој се офајди од пожарот? Кој ги осигура машините 15 - 20 часа пред пожарот и кој ги наполни џебовите од таа осигурителна полиса?!
(И.Т.)
|