ВО ЧЕТВРТОТО ПРОДОЛЖЕНИЕ НА ХОЛИВУДСКИОТ СЕРИЈАЛ
Македонци работеа на Терминатор!
Во новиот хит, Арнолд Шварценегер не го спасува светот, но од скопското студио "Фх3х" работеа 42 кадри, односно на три минути од "Терминатор 4: Спасување"
Дваесетина македонски визуелни артисти работеа на четвртото продолжение на филмот "Терминатор"! ВЕЧЕР дознава дека од скопското студио "Фх3х" подготвиле 42 кадри за водечкото студио за визуелни ефекти "Industrial Light & Magic", што резултираше со 3 минути македонска анимација на еден од најголемите холивудски серијали. Нашиот тим, предводен од продуцентот за визуелни ефекти Кристијан Даниловски, и супервизорите Александар Вишемирски и Мишо Ристов, на "Терминатор" работеле од ноември 2008 до јануари 2009 г. - Овој проект беше неверојатно искуство за сите нас во "Фх3х", пред се, затоа што е толку познат серијал, особено познат по фантастичните визуелни ефекти, но уште повеќе заради соработката со "Industrial Light & Magic", кои за мене се врв во оваа индустрија. Иако веќе имавме воспоставени стандарди во работењето, овој проект ни овозможи да се надминеме себеси, изјави за ВЕЧЕР Кристијан Даниловски, единствениот Македонец номиниран за престижната награда Еми. Супервизорот за рото и пеинт на "Industrial Light & Magic", Пет Џарвис изјавува дека "Фх3х" многу придонеле за успехот на повеќе кадри, "со тоа што овозможија нашиот тим да ги интегрира ЦГ елементите во бројните сцени, притоа работејќи во многу тесни продукциски рокови". Инаку, "Фх3х" се познати и по ангажманот на холивудскиот хит "Авијатичарот" на Скорсезе, па на "Златен компас", кој минатата година го доби оскарот за визуелни ефекти, на "Tropic Thunder" во режија на Бен Стилер... Неодамна, ВЕЧЕР ексклузивно објави и дека тие во целост го работат долгометражниот анимиран филм "Hal and Holly Moose ", што е прва од овој тип висока странска инвестиција во Македонија.
Терминатор во Скопје
Филмот Терминатор 4: Спасувањее од утре ќе игра во кино салите во Рамстор. Приказната звучи познато: светот е разрушен, терминаторите го уништуваат преостанатото човештво, а Џон Конор го води движењето на отпорот... Инаку, 'терминаторот" Арнолд Шварценегер не игра во овој дел, Кристијан Бејл го доловува Џон Конор, а тука се уште и Сем Вортингтон, Џејн Александер, Хелен Бонам Картер...
Дејан ТРАЈКОСКИ |