ДОДЕКА СЕ ЧЕКААТ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ЛАБАРАТОРИЈАТА ВО ЛОНДОН
Македонија во паника, расте бројот на заболени од свинскиот грип
Новиот сомнителен случај е 18-годишно момче од Србија кое пристигнало од Грција во Пехчево
И покрај тоа што беше најавено дека најдоцна до вчераутро ќе пристигнат резултатите од референтната лабораторија во Лондон, со кои требаше да се потврди или отфрли дека сомнителните случаи во земјава боледуваат од новиот тип на грипот А (Х1Н1), сепак како што најавуваат од ресорното министерство ќе се причека уште еден ден.
Во меѓувреме уште еден нов случај на заразено лице ќе биде хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести. Се работи за 18-годишно момче од Србија кое било на летување во Грција и пристигнало во Пехчево на гости. Според последниве информации, вчера доцна попладне тој беше на пат кон Скопје, со покачена телесна температура и дијареа. Со тоа вкупната бојката се очекува да достигне седум лица. На Инфективна се подготвени да го примат пациентот, а од Комисијата за заразни болести сугерираат да се почитуваат протоколите на лекување и да се оствари соработка со Центарот за управување со кризи и во наредниот период да се организираат заеднички состаноци.
Неофицијално дознаваме дека уште десетина други се под специјална здрвствена присмотра, бидејќи покажале одредени симптоми на заболувањето. Досега, на Инфективна се хоспитализирани две деца, едно 4-годишно и едногодишно, 15-годишно момче, една возрасна жена од Битола и две лица од Скопје кои се вратиле од службен пат од Рим и Будимпешта.
Според последните податоци на СЗО, во повеќе од сто земји во светот се регистрирани 79.339 лица инфицирани со вирусот Х1Н1 на грипот од типот А, од кои досега починале 337. Во САД оваа бројка достигна 27.717 заболени, а починале 127 лица. По САД, следуваат Мексико со 8.680 заболени и 116 починати, Канада со 7.983 заболени и 25 починати, Чиле со 7.342 заболени и 12 починати и Велика Британија со 6.929 заболени и тројца починати. Меѓу земјите со поголем број инфицирани лица се и Австралија со 4.568 заболени и деветмина починати, Аргентина со 1.587 заболени и 26 починати и Тајланд со 1.414 заболени и тројца починати.
Зарди овие состојби во Аргентина е воведена вонредна состојба и затворање на границите, а за поуспешно справување со грипот британските здравствени власти ќе ја променат тактиката што досега ја спроведуваа во борбата со заразата од вирусот, односно сомнителните случаи ќе останат дома и додека траат испитувањата лековите ќе им бидат доставувани на домашна адреса. Се зголемува и бројката на заболени во Грција. Досега повеќе од 100 лица се заболени од грипот А, а повеќето од нив пристигнале во Грција со авионски летови од странство. Во Кипар има 10 нови случаи на грип, а во Парагвај е забележан и првиот смртен случај, додека заразени се 98 лица. Во Србија досега се регистрирани 15 случаи на лица инфицирани со виросот на грипот А, од кои една третина веќе се излечени.
Експертите очекуваат кон крајот на летото Србија да се најде на најголем удар на вирусот, поради што оваа соседна земја се подготовува за справување со евентуалното масовно ширење на болеста. Од министерството за здравство информираат дека граѓаните сите потребни информации ќе можат да ги добијат на отворениот телефон 02/3122-499.
Тамифлу опасен за трудници? Лекот "тамифлу", што се користи за лекување на новиот грип, може да биде смртоносен за идните мајки и бебињата ако го користат на своја рака без да се советуваат со лекар. Информацијата ја пренесе деновиве српскиот дневен лист "Глас јавности", а тоа го потврдил и претседателот на Министерството за здравје за одбрана од грипот во Белград, доктор Предраг Кон. Според д-р Методија Чадиковски, генерален директор на Рош Македонија, лекот тамифлу како и секој друг лек треба да се дава со посебно внимание кај бремените жени. - Доколку има потреба тамифлу да се дава кај трудна жена, лекарот треба да одреди дали ќе го даде, односно да процени дали бенефитот ќе биде поголем, отколку ризикот - вели Чадиковски и додава дека така е со секој лек. Според него, овие препораки тие ги имаат доставено и до Центарот за несакани дејства во земјава, Бирото за лекови и Министерството за здравство. Доктор Чадиковски напомнува дека нема место за паника од недостаток на "тамифлу", резерви има доволно, а за посиромашните земји во светот одредена е посебна програма по која лекот ќе им се даде по пониски цени.
И македонските лекари велат дека секој лек може да влијае лошо на трудниците и бебињата, па од тие причини и тамифлу, иако кај овие жени и самиот вирус може лошо да влијае на бременоста.
Валентина МАРЈАНОВИЌ
|