КОЈ ЌЕ БИДЕ ПРВ ПРОТИВНИК НА МАКЕДОНИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2012?
Јонуз: Против Русите ни требаат 20.000 навивачи
За дерби натпреварите е потребно да се создаде атмосфера и голема поддршка од публиката во остварување на целта за освојување на едно од првите две места во групата
Најдобрите фудбалери на Македонија, во неделата во Варшава, ги дознаа само своите противници за пласман на Европското првенство во 2012 година, во Украина и Полска. Во квалификацискиот циклус, што почнува на 3/4 септември годинава, избраниците на селекторот Мирсад Јонуз во Б групата мегданот ќе го поделат со Русија, Словачка, Р. Ирска, Ерменија и Андора. Тоа ни се стари познаници, бидејќи досега се имаме сретнато во квалификациските циклуси за европските и светските првенства, но кој ќе ни биде првиот противник се уште не се знае.
Претставниците на репрезентациите, на средбата веднаш по ждрепката, не успеаја да се договорат за "возниот ред" на натпреварите во групата. Тоа е оставено да биде сторено на новата средба во Москва, што е закажана на 18 февруари. - Не се работеше за никакво несогласување, ниту пак некој правеше проблеми. Се договоривме сите добро да размислиме и со своите планови да се сретнеме за 10 дена во Москва, рапортираше Јонуз во телефонскиот разговор од аеродромот во Љубљана на враќањето за Скопје.
Јонуз се уште нема изградено стратегија со кого Македонија да го одигра првиот натпревар во групата, дома или на гости. - Не сум размислувал се уште за тоа. Не е ни битно, со кого и каде ќе ги почнеме квалификациите. И онака треба да играме со сите противници и да се избориме да постигнеме поволен резултат, во желбата за освојување на едно од првите две места во групата. Сепак, за да ги почнеме квалификациите дома треба да се создадат предуслови. Особено ако играме со Русија, Словачка и Р. Ирска, Националната арената "Филип Втори" треба да биде подготвена, да се создаде атмосфера. Овие средби треба да се одиграат во ноќен термин, под рефлектори, од 18 до 21 часот, зашто на вакви дерби натпревари е потребен посебен амбиент и поддршката на публиката за да ја оствариме целта. Стадионот е се уште во градба и без осветлување, но верувам дека навреме ќе се заврши реновирањето на јужната трибина за да може да има најмалку 20.000 гледачи. Засега може да се користи само северната трибина и доколку стадионот не биде подготвен може да се случи првите два натпревара во септемврискиот циклус од квалификациите да ги одиграме дури и на гости, а следните потоа како домаќини, додава Јонуз. Противниците се вистински предизвик за "црвено-жолтите" , а претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџи-Ристески веќе најави дека се размислува и за стимулирање на репрезентативците со измена на начинот на премирање за освојување на место што води на завршницата на ЕП 2012.
Неспорно е дека Русија е прв фаворит во групата, а тоа го потврди и селекторот Гус Хидинк, иако не успеа да ја однесе "зборнаја" на СП 2010 во Јужна Африка, по елиминацијата во баражот од Словенија. - Задоволен сум од исходот на ждрепката. Убеден сум дека можеме да бидеме први во групата. Тоа е задачата која ни претстои. Меѓутоа, и противниците имаат многу добри тимови, така што нема да биде многу лесно. Ќе мора да направиме голем напор за се да мине како што посакуваме, категоричен е Хидинк.
Холанѓанецот, сепак, предупредува дека треба да се внимава на Р. Ирска, за чиј селектор Џовани Трапатони вели дека е стар итер лисец. Под негово водство Ирците играа и во баражот за СП 2010 против Франција, кога беа елиминирани со нерегуларен гол по играњето со рака на Тиери Анри.
Ништо полесен противник не е ниту тимот на Словачка, која единствена од Б групата ќе настапи на претстојниот Мундијал во Ј. Африка, а некој може да се изгоре и на Арменија, додека Андора е апсолутен аутсјадер, ако во фудбалот постојат такви.
Боро ТИМКОВСКИ
|