ДЕНЕСКА ЗАПОЧНУВААТ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА УСТАВНОТО ИМЕ
Македонија нема да отстапи од двојната формула
Никола Димитров, преговарачот за спорот на уставното име од македонска страна денеска уште еднаш ќе му го повтори веќе познатиот македонски став за решавање на спорот, двојна формула - едно име што ќе се договори за билатерална комуникација со Грција и уставното име за преостанатиот дел од светот.
Тој ќе присуствува на новата рунда преговори за решавање на долгогодишниот спор за името со Атина, кои започнуваат денес во Њујорк. Македонија и Грција ќе преговараат во присуство на посредникот Метју Нимиц, а преговарач од грчката страна ќе биде Адамантиос Василакис.
На последната координативна средба во пресрет на продолжувањето на преговорите за името меѓу претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски и министерот Антонио Милошоски беше заклучено дека името не е критериум за НАТО, поради што грчките закани за вето ќе се сметаат само како обид за притисок во пресрет на продолжувањето на преговорите. Го задолжија Димитров да реагира доколку како официјален предлог на маса се извади некој од предлозите што се лиферуваа по грчките медиуми во изминатиот период - Република Македонска, уставното име со додадена латиничка транскрипција и Република Нова Македонија.
Грчките медиуми излегуваат со информации дека Атина ќе настапи со позиција дека прашањето за името треба да се затвори пред Самитот на НАТО во април догодина. Такви инструкции преговарачот Василакис добил на вчерашната координација со премиерот Костас Караманлис и шефицата на дипломатијата Дора Бакојани. Неофицијално Василакис во Њујорк нема да понуди предлог, но ќе инсистира на сложена формула за името која ќе ја разликува Република Македонија од географскиот регион Македонија во северна Грција.
Но, иако членството во НАТО ќе биде ставено на преговарачката маса, со кое Грција ќе се обиде што побрзо да го заврши спорот со Македонија и притоа на тој начин да изврши притисок земјава да попушти, се погласни се шпекулациите дека Македонија ќе добие покана за членство во НАТО на наредниот Самит, но не под уставното име, туку под референцата ФИРОМ.
Парагвај не призна како Република Македонија Парагвај ја призна Македонија под уставното име. На само еден ден пред почетокот на новата рунда преговори за уставното име Македонија под уставното име воспостави дипломатски односи со оваа земја. Парагвај е трета земја со која се воспоставени дипломатски односи под уставното име во последниве три месеци. Пред Парагвај, тоа е направено со Суринам и Свазиленд, а беа надградени и дипломатските односи со Канада по одлуката на Владата на таа земја да ни се обраќа под уставното име.
Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски вчера испрати писмо до својот колега Рубен Рамирез Лескано, во кое изразува задоволство од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји.
Известителот за името на Советот на Европа во Скопје Претседателот Бранко Црвенковски, паралелно со почетокот на новата рунда на преговори за името во Њујорк, денеска во Скопје ќе има средба со Педро Аграмунт, известител на Парламентарното собрание на Советот на Европа кој изготвува извештај за временото име на Република Македонија во Советот на Европа. Средбата ќе се одржи во Собранието.
(Б.З.)
|