ПОЛЕТАН СЕ БРАНИ
Не станав мајка за на моето дете да му оставам хипотека - трговец на дрога
Долго време војувам да станам мајка, а сега на моето дете не би му оставила хипотека - трговец на дрога. Вака вчера, на јавна седница во Апелацискиот суд се бранеше Станислава Чочоровска- Полетан, која лани беше осуден на 14, 5 години затвор за нелегален транспорт над 434 килограми кокаин. Добив 14 и пол години затворска казна за нешто што не сум видела. Зошто не ми е покажано тоа за што ме осудија. Полетан ја оспорува пресудата на Кривичниот суд. Возачот, во чиј камион беше најдена дрогата, Алија Азировиќ беше осуден на истата казна, и ја оспорува казната, тврдејќи дека превезувал боја за која е и осуден.
Жалбата ја поднесовме на сите околности, рече бранителот на Полетан, Љубомир Михајловски. Впечаток е дека целата постапка се водеше до обвинетите да се осудат, оти неспорно беше дека судењето е пристрасно. Неправилност имаше уште во текот на истрагата на судењето. Не може вештачење да направи орган која ја поднесува пријавата, а приговори одбраната има од самиот старт кога пакетчињата биле миени со црева, истите не биле пломбирани,а приговараат и на спектрограмот, тежината и видот на кокаинот со оглед дека биле вештачени пакетчиња по случаен избор, а во обвинението се тврди дека се работои за чист кокаин без примеси. Постои разлика од шест тони за кои судот не утврди каде се, баравме дрогата да биде вештачена, прикажана во судот. Лежерно обвинителството ја мина килажата тврдеше Михајловски, кој побара судот да го врати предметот на повторено судење или да ја ослободи Полетан од одговорност. Вториот бранител на Полетан, Димитар Дангов вели дека поради пропустите во постапката поднел жалба до Европскиот суд за човекови права.
Бранителот на Азировиќ, Саво Коцарев, вели дека за случајот нема вербални и писмени докази, а ниту пак сведоци. Во обвинението е наведено дека Азировиќ прикрил кокаин, а како може да го стори тоа возач, тој не е ниту испраќач, ниту добавувач туку само превозник. Нема никаква умисла за да може да превезува дрога. Неспорно е дека имало договор за транспорт за кој му биле дадени 1.100 евра, но кој би ризикувал слободата за сума од околу 300 евра која на Блаце била најдена кај Азировиќ.
Вишиот обвинител вели дека жалбите, всушност биле одбраните на обвинетите само прилагодени за јавна седница. Се исклучува можноста за секакво подметнување. Ако стоката била продадена во транизитот, тогаш чија е стоката која вреди милиони, ако истата нема купувач. Како може да се образложи дека некој некого мести и дали некој сакал да се раздолжи за долг од пред десетина години. Кокаинот кој бил натоварен во Венецуела, а чија крајна дестинација била Грција, а за кој се осудени Полетан и Азировиќ е фатен, лани во јануари на Блаце.
Каролина ЃЕШКОСКА |