МАКЕДОНСКИОТ ПРЕМИЕР ГРУЕВСКИ ПОСОЧИ ВО КОИ СЕКТОРИ ОЧЕКУВА ВЛОЖУВАЊА
Словенечки инвестиции во инфраструктурата
Почесниот македонски конзул во Крањ, Јанез Бохорич, главен менаџер на конзорциумот Сава ќе има задача да ја продлабочи економската соработка меѓу двете земји
Генералниот менаџер на конзорциумот Сава, Јанез Бохорич, ќе биде главниот линк на словенечките компании со Македонија. Од позиција на почесен македонски конзул во Крањ, ќе се обиде да ја продлабочи економската соработка на двете поранешни југословенски републики. - Со оваа улога ќе можеме заедно со Македонската амбасада во оваа земја да придонесеме кон промоција на македонското стопанство и култура во Словенија, но и за стимулирање на словенечките претпријатија за сооработка со македонските компании - вели почесниот конзул Бохорич.
Статистиката покажува дека значаен дел од словенечките инвестиции изминативе години завршиле токму во Македонија. Во 2007 година биле вложени околу 70 милиони евра. Дел од нив се реинвестирани врз основа на остварен профит. На словенечката инвестициона мапа, Македонија се наоѓа на седмото место. Токму ова ја охрабрува македонската Влада дека и покрај светската економска криза, што не ја одмина ниту Словенија, а која деновиве за нејзино ублажување одвои околу 800 милиони евра, ќе продолжи со инвестирање во Македонија. Премиерот Груевски, пред словенечките бизнисмени, посочи дека од оваа земја очекува вложувања во инфраструктурни проекти во делот на патната и железничката инфраструктура, како и инвестиции во енергетскиот сектор.
Бизнис елитата генерално позитивно гледа на македонскиот пазар. Меѓу оние компании за чии капитал се очекува подолго време влез во Македонија е и оној на трговскиот ланец Меркатор. Очекуваат брзо комплетирање на неопходните услови. - Сега работиме на трансформација на сопственичката структура на земјиштето. Очекуваме дека тоа бргу ќе го завршиме оваа година - вели Станислав Бродњак, помошник-претседател на Управниот одбор на Меркатор.
Оние кои веќе имаат инвестиционо искуство велат дека се задоволни. - Македонија веќе направи многу за да се претстави како атрактивна бизнис дестинација. Секој чекор, па и она што сега го кажа премиерот Груевски е во насока на добра бизнис соработка - објаснува Изток Горник, генерален директор на секторот за инвестиции во НЛБ Словенија. Во интерес на меѓусебната економска соработка на Словенија и Македонија е и основањето на Македонско-словенечкиот деловен клуб во кој ќе членуваат бизнисмени од двете земји.
Специјален известува од Љубљана Марјан НИКОЛОВСКИ
|