ВОЛНА И ПАМУК
Фустани на кои не може да им се одолее
Модата во зима понекогаш изгледа многу комплицирано, затоа што бара слоеви на облека, со цел да можеме да се затоплиме. Но модата не би се нарекувала мода ако освен функцијата греење и штитење на телото, ја нема и естетската улога. Не мора да сте љубител на зимата и зимската гардероба, но оваа година фустаните од памук, волна и кашмир предизвикаа воодушевување кај голем број припаднички на понежниот пол. Толку убав и практичен предмет за облекување, жените долго време немале прилика да носат. Ако во вашиот орман се уште немате вакво парче на облека, тогаш сезонскиот попуст е идеална прилика да набавите од овие прекрасни фустани кои ги има од лежерни, работни до свечени.

Лежерен стил Волнените и памучни фустани личат на долги џемпери, а во тренд се скоро две години. Должината ги прави удобни и топли. Тие во ладните денови најчесто се комбинираат со дебели хулахопки и високи чизми. Овој тип на облека жените најмногу го носат кога сакаат да бидат лежерно облечени. Вам ви останува да ја одберете бојата, моделот и плетката која ви се допаѓа.

Фустани за на работа Плетените фустани не се наменети само за слободното време. Тие можат да бидат и елегантно парче облека за на работа. Овие плетени фустани се класични и со поконзервативна кројка, подолги се и не личат на џемперите. Можете да ги комбинирате со накит, чанта, шал и слично.

Елеганција Ако некој ви рекол дека во фустан од памук, волна и кашмир не можете да изгледате елегантно, тогаш ве излажал и вас, но и себе. Долги и кратки кројки, со ракави или без, со високи јаки, широки, тесни, со отворен грб... Се може да се носи. Кој било модел комбинирајте го со елегантни чизми и подготвени сте за забава.
|