ПРОМОВИРАНА НОВА КНИЖЕВНА НАГРАДА
Букарски прв од Новите
Наградата "Новите!" на првиот годишен конкурс за најдобар прозен дебитантски ракопис, што ја распиша издавачот "Темплум", му припадна на авторот Алекс Букарски, за збирката раскази "Луѓе на кои не им се отвора падобранот". На првонаградениот му припаднаа 1.000 евра, спонзорство од Комерцијална банка АД Скопје, а одлуката ја донесе жирито составено од: Никола Гелевски, Владимир Јанковски, Роберт Алаѓозовски и Искра Гешоска. На конкурсот, кој траеше до 1 декември годинава, пристигнаа 24 ракописи, а делото на Букарски, како што стои во образложението, беше наградено поради "беспоштедната слика на нашата стварност... која е мрачна, но истовремено и духовита, колоритна и релативно слоевита....", како што ќе образложи жирито. Но, исто така, се признава дека "за волја на вистината и самиот Букарски, веројатно во прв ред поради неискуството, неретко упаѓа во баналности и тривијалности, а неговата реченица не е секогаш доволно прецизна и снажна...", што се припишува на дебитантскиот ракопис. Авторот, нескромно изјави дека со неговата книга ја објавува "смртта на македонската литература, како таква". Што и да значи тоа... Збирката раскази "Луѓе на кои не им се отвора падобранот" содржи 17 раскази кои Букарски ги пишувал во последните пет години и се објавувани на повеќе интернет страници и на блогот "Цртичка". На вчерашниот прес беше промовирана и збирката "Електролит 2006", во која има 51 расказ од 31 автор, пристигнати на електронскиот конкрус организиран од Темплум. (Б.Г.)
|