АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ПОТВРДИ
Новинарите од Големото уво биле прислушувани!
Апелациониот суд одлучи новинарите да добијат по 250.000 денари за нематеријална штета за претрпена душевна болка поради повреда на приватноста и слободата на личноста. Она што е најважно е дека македонското судство има капацитет да реши еден ваков случај за разлика од многу други земји каде имало вакви или слични случаи, но немало пресуди
Новинарите од случајот Големото уво се прислушувани, потврди Апелациониот суд. Судот потврди дека опрема за прислушување поседуваат МВР и Телекомот, а прислушувањето е реално извршено и се нанесени последици врз новинарите. Аферата Големото уво избувна на крајот на 2000 година, кога тогашниот опозиционен лидер, сега актуелен претседател на државата, Бранко Црвенковски, обелодени стенограми на телефонски разговори на прислушувани политичари, новинари и дипломати. Седумнаесет новинари одлучија да поднесат тужба против државата поради нарушување на нивната приватност.
Апелациониот суд одлучи - новинарите да добијат по 250.000 денари за нематеријална штета за претрпена душевна болка поради повреда на приватноста и слободата на личноста. Првостепениот суд во јуни минатата година донесе пресуда, според која прислушуваните новинари од аферата Големото уво од 2000 година добија отштета од по 350.000 денари. Апелациониот суд ја намали висината на отштетата која ќе ја добијат новинарите, а останатиот дел од жалбата на јавното правобранителство ја одби.
Адвокатот на новинарите Димитар Дангов вчера ја потврди ваквата информација. Според него, пресудата е правосилна и претставниците на седмата сила веќе можат да ги земат парите кои судот им ги додели. Но, тој додава дека отштетата е многу мала. Висината на парите кои ќе ги добијат новинарите, смета тој, е речиси иста со онаа која тие ја потрошиле за време на овој осумгодишен судски процес. Дангов посочува дека постои можност за жалба до Врховниот суд. Во судската пресуда има основ за поднесување жалба до Врховниот суд. Доколку новинарите одлучат да се жалат, ќе го искористиме и тоа право" - коментира Дангов.
Паралелно во Судот за човекови права во Стразбур се води постапка против државата поради неразумно долгиот тек на судскиот процес. Таа жалба во Стразбур е поднесена на 17 јануари 2006 година. Новинарите го чекаат исходот и од оваа постапка.
И новинарите се незадоволни од висината на отштетното побарување. Тие бараат одговорност и од Доста Димовска, како тогашен министер за внатрешни работи. Таа, според новинарите, треба да положи сметки за тешкото кривично дело сторено во нејзиниот сектор.
Новинари кои го добија спорот со МВР и Македонски телекомуникации: Драган Павловиќ Латас, Мирка Велинова, Катерина Блажевска, Христо Ивановски, Александра Дуковска, Никола Младенов, Гордана Стошиќ, Слаѓана Димишкова, Диана Младеновска, Биљана Крстевска, Јадранка Костова, Роберт Поповски, Лилјана Дамовска, Миле Бошњаковски, Весна Тодоровска, Сабина Факиќ, Соња Крамарска.
КАТЕРИНА БЛАЖЕВСКА Државата може да прислушува кога сака
Ова е скандалозна и понижувачка пресуда на Апелациониот суд. Досудената сума за оштета покажува дека државниот апарат може да ве прислушува кога сака и како сака, а потоа да ви фрли 4000 евра и се да заврши. Ова е прва пресуда за прислушување во Македонија и казната мора да е енормно висока. Оваа пресуда требаше да биде црвено светло за оние кои имаат опрема за прислушување, да се замислат дали ова ќе го направат во иднина. Но од пресудата нема поука, пресудата нема да одврати никого да не го прави тоа во иднина. Не се работи за парите. Ние и онака сакавме да ги дадеме за хумани цели, но намерата ни беше тие да бидат далеку повисоки. Беше силувана демократијата, ни беа силувани и приватниот и професионалниот живот, вели Катерина Блажевска, уредник-коментатор во весникот "Дневник".
ДИАНА МЛАДЕНОВСКА Одлуката е срам за судството
Одлуката на Апелациониот суд е неприфатлива и е срам за судството. Не се работи за поединци, туку за општествена поука. Со ова судот им дозволи на сите што имаат идеја да прислушуваат да го направат тоа. Им даде мотив да го прават ова и понатаму, бидејќи ќе останат санкционирани или ќе добијат мал укор. Што се 250 илјади денари за една институција како што е МВР или една компанија од рангот на Македонски телекомунукации, вели Диана Младеновска, заменик-главен уредник на порталот "Кирилица".
ХРИСТО ИВАНОВСКИ Судот не се издигна над политичките притисоци
Во нашето општество видовме дека се исплаќаат астрономски суми за сомнителни случаи. Па дури и за сообракајка се исплаќаат по 10.000 евра и повеќе, а овде каде што беше буквално силувана македонската јавност судот пресуди како што пресуди. Јас ќе ги дадам средствата во хуманитарни цели за државата која себеси се смета за жртва за да се лечи од стресот доживеан од прислушуваните новинари. Демократијата и слободата се само делумно спасени. Судот не се издигна над политичките притисоци и политичките игри. Судот заборави дека овој чин беше на квечерината на најстрашниот конфликт во Македонија, коментира Христо Ивановски, новинар на Дневник.
ДРАГАН ПАВЛОВИЌ ЛАТАС Историска пресуда
Доделената парична казна е многу ниска. Но, за мене е многу побитно што тоа е пресуда која ќе остане во историјата дека македонското судство имало капацитет да донесе пресуда против државен орган, за особено опасно дело како што е прислушувањето.
|