ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ "КОПАНКИ" ИЗГОРЕ ДО ТЕМЕЛ
Репортерот на Вечер заробен во пожарот на Пелистер!
- Навистина беше многу страшно. Знаеш дека гори околу тебе, едвај се гледаше, но моравме да провериме да не останал некој заробен. Одевме од соба до соба за да провериме да не останал некој внатре, бидејќи чадот беше многу густ и лесно можеше некој да се онесвестил или да се задушил. За среќа, немаше никој и истрчавме надвор. Дотогаш веќе целиот дом беше во оган
Планинарскиот дом "Копанки" за еден час изгоре до темел во катастрофален пожар, а за среќа во трагедијата немаше жртви иако во тој момент во домот имало триесетина луѓе, од кои повеќето спиеле. Според очевидците, за само неколку минути огнот го зафатил целиот дом и немало шанса присутните сами, со црева и кофи, да го изгаснат пламенот. Побарале помош и од битолските пожарникари, но тие немале возило кое можело да се пробие до домот, па кога стигнале со ратрак, веќе било доцна.
Една група момчиња од Скопје, гости во домот, меѓу кои и репортерот на "Вечер" Драган Митрески, биле во трпезаријата кога избувнал огнот. Тие не забележале дека нешто гори туку ги чуле гостите од катот кои во паника излегувале од собите. - Во домот имаше околу 25 луѓе вечерта. Ние седевме во трпезаријата кога чувме врева и тропање на горниот кат. Ни беше чудно, бидејќи повеќето гости требаше да спијат во тој момент. Тогаш еден дотрча до нас, ни кажа дека нешто гори и оти целиот кат е во чад, вели Митрески. Паниката набрзо се проширила низ домот, гостите трчале на сите страни барајќи противпожарен апарат повеќе, кофи, црева, лопати, се што можело да помогне да се изгасне огнот кој неверојатно брзо се ширел низ стариот планинарски дом. - Паниката одеднаш не фати сите. Чадот се прошири низ целиот дом. Се обидувавме да гасиме. Се што ни беше при рака искористивме, дури и со лопати фрлавме снег внатре, но попусто. Еден по еден излегувавме надвор, бидејќи стана опасно, вели Драган.
Дел од гостите во домот, кои биле на првиот кат кога избил огнот, останале без целата опрема и багажот што го носеле со себе. - Навистина беше многу страшно. Знаеш дека гори околу тебе, едвај се гледаше, но моравме да провериме да не останал некој заробен. Одевме од соба до соба за да провериме да не останал некој внатре, бидејќи чадот беше многу густ и лесно можеше некој да се онесвестил или да се задушил. За среќа, немаше никој и истрчавме надвор. Дотогаш веќе целиот дом беше во оган. Неколку гости останаа без скијачката опрема, компјутерите и багажот што го носеа со себе. Стоеја така по маици и блузи. Се им остана во собите и во општата паника и метеж не стигнаа да го земат и да го изнесат, вели нашиот фоторепортер.
Од она што го виделе и дознале момчињата од Скопје огнот најверојатно избувнал кај котелот за парно греење, а некои од очевидците тврделе дека огнот се проширил преку оџакот. - Во трпезаријата немаше ништо, а тие што дотрчаа од катот, велеа дека огнот избувнал кај котелот и се проширил кон тоалетите, вели репортерот на "Вечер".
Некој од гостите ги алармирал и битолските пожарникари, но тие немале возило со кое можеле да се пробијат кон планинарскиот дом. Пристигнале по еден час, доцна за да сторат што било, бидејќи голем дел од домот веќе бил тотално уништен. - Ги донесоа со ратрак, носеа боци за гаснење, ама веќе беше доцна. Штом ние не успеавме, пожарникарите, со опремата што ја имаа во тој момент, немаше шанси да го угаснат силниот пламен и да спасат она што можеше да се спаси, додава Драган.
За среќа, во целата трагедија само еден гостин побарал лекарска помош, бидејќи вдишал многу чад. Од битолската полиција информираат дека нивни тимови вршат увид на местото и засега немаат информации како и каде избувнал огнот. Тие допрва ќе направат информативен разговор со гостите на домот.
(О.Ч.) фото Д. Митрески |