СО ПРОЕКТОТ СКОПЈЕ 2014 ПОПОЛНЕТ ЦЕНТРАЛНИОТ ГРАДСКИ ПЛОШТАД
Репрезентативен центар - огледало на државата
Познатиот и докажан архитект Вангел Божиновски тврди дека од 1968 година, па до денес, Скопје никогаш нема добиено каков било план за уредување на најскапата градска соба
Презентираниот проект за новото архитектонско решение и за изглед на Скопје 2014, кај поголемиот дел од скопјани во текот на минатиот ден предизвика воодушевување. Тие сакаат да живеат опкружени со градби што ќе му дадат на градот нов имиџ, стил на европска метропола. И градбите и спомениците изградени во неокласицизам и барок стил, селективно и визионерски, според нив, полека, но сигурно ќе го избркаат сивилото на постсоцијалистичкото Скопје. Тие укажуваат дека секоја држава имала период на градители и во секоја држава тој период се паметел како златен. Ова што се прикажа од Општината Центар, Градот и Владата, било токму тоа златното. Исто така, од друга страна, експертите се согласуваат со ставот на оние кои најмогу ќе ги ползуваат архиктетонските промени на нивната дневна соба. Според нив престолнината била единствениот главен град во Европа, во кој централното градско подрачје не е заокружено. Се работиело за пополнување на просторот. Целокупниот проект е правен врз основа на сериозни општоприфатени стандарди. При изработката на истиот се запазени сите потреби модулати кои овозможуваале оптимална циркулација на воздушните маси, урбанистичката логика како и фрекфенцијата на сообраќајот, укажуваат стручните лица.
Познатиот и докажан архитект Вангел Божиновски тврди дека од 1968 година, па до денес, Скопје никогаш нема добиено каков било план за уредување на најскапата градска соба. - Како некој кој ги разбира овие работи, укажувам дека дефинираните архитектонски работи се изведени без забелешка и не знам никој кој би можел да најде каква било дамка на проектот Скопје 2014. Имаме професионален изглед на најскапиот простор на градот, довршен по речиси еден век. Секоја власт која од тоа време, па наваму владееела, не отпочна ништо во таа насока, а најмалку се нафати да реализира ваково нешто. Ниедно градско сообрание ниту власт немаше храброст да го направи ова, тврди Божиновски. Тој понатаму додава дека сево ова е направено легеартист и транспарентно. - Инаку, јас лично години наназад заговарав да се заврши плоштадот. Иако директно не сум бил вклучен во проектот, не е далеку од она што јас сум го замислувал некогаш како изглед на плоштадот, изјави Божиновски за ВЕЧЕР.
Од Општината Центар велат дека во проектот за изгледот на објектите работеле тимови на реномирани стручни лица од областа на архиктетурата, со огромно значење и искуство. Целта и поентата покрај новиот имиџ на плоштадот е и урбана интеграција на на левиот и десниот брег на реката Вардар, кој ќе создаде услови за досегашниот горчлив проблем на просторот за големиот број државни институции.
ТРАЈКО ВЕЉАНОВСКИ Ми се допаѓа идејното решение за Карев
Проектот за изгледот на главниот град во 2014 година и споменикот пред Собранието е на Општина Центар, а не на законодавниот дом, изјави вчера претседателот на Парламентот, Трајко Вељановски, при презентацијата на извештајот за работата во 2009 година. Првиот парламентарец не се противи на идејата за поставување на споменик на Никола Карев пред Собранието. - Никола Карев е значајна личност во македонската историја. Мене ми се допаѓа идејното решение. Верувам дека и вам ви се допаѓа, вели Вељановски.
АНКЕТА
КАКО ВИ СЕ ДОПАЃА НОВОТО АРХИТЕКТОНСКО РЕШЕНИЕ Спектакуларно!
Дека скопјани се воодушевени од визионерските најави на Владата како ќе изгледа метрополата во 2014, покажа и нашата минианкета што ја направивме со граѓани од различна возраст
Филип
Спектакуларно! Многу ми се допаѓа. Почна да наликува на античка Македонија на некои места, на пример, покрај Вардар. Вака е празно, неинвентивно без содржина и единствено добар е за организирани концерти. Она што се планира, е топ!
Бранко Коцев
Убаво е кога се прави нешто ново, кога се гради. Кога слушнав дека ќе се обноват некои градби, како Офицерски дом, ми беше многу драго. Можеби младите ќе речат дека би можело да биде и во помодернистички стил, но тоа се веќе вкусови.
Александар Костовски
Мислам дека просторот и вака е доста тесен, а и дека постоечката инфрастуктура не може да одговири на потребите на толку згради. Јас не сум од Скопје но, мислам дека на еден главен град му треба широк плоштад. Инаку, браво за спомениците.
Елизабета Чакалиќ
Проектот ми се допадна многу, само пожелно е да не се брза со архитектурата. Да им се даде време на проектантите мудро да промислат. И за склуптурите сум за, бидејќи на тој начин ќе ја оживееме нашата историја, која е навистина пребогата.
Трајанка Бакрачевска
Премногу е убаво, луксузно, навистина. Се плашам дали ќе се обвистини, дали ќе има средства за толкава инвестиција со оглед на економската состојба. Но, и за тоа има решение, можат да се најдат мецени кои ќе вложат во изградбата.
|