ВО БИТОЛА
Босна ќе отвори конзулат
Босна и Херцеговина ќе отвара конзулат во Битола, најави амбасадорот на БиХ во Република Македонија Милан Балабан по вчерашната средба со градоначалникот на Општина Битола Владимир Талески. - Би сакал да кажам дека на Претседателството на БиХ, кое е составено од три члена кои ротираат, претседавајќи на секои осум месеци, поведе иницијатива за отворање на конзулат во Република Македонија, односно во Битола, изјави амбасадорот Балабан.
Со отворањето на овој конзулат Битола очекува да се реактивираат врските со збратимената Бања Лука, како и да се засилат активностите во областа на културата. - Битола со право го очекува дванаесеттото конзуларно претставништво, бидејќи единаесеттото на Црна Гора веќе се уредува и наскоро ќе биде отворено", истакна градоначалникот Талески. Тој најави реактивирање на идејата за отворање и на албански конзулат со што во Битола ќе бидат претставени сите држави од опкружувањето на Македонија.
|