понеделник, 17 ноември 2008  ::  Бр. 13954
Маркетинг Контакт Импресум Претплата Пријатели Архива
Излегува секој ден освен недела. Првиот број излезе на 11.11.1963 год.
 
НАСЛОВНА Вести Економија Скопска Балкан Црна хроника Култура Life Style Спорт Stars Свет Од почеток Видео


РАЗГОВОР СО АРХИТЕКТИТЕ МИНАС БАКАЛЧЕВ И МИТКО ХАЏИ-ПУЉА


Архитектурата е идентитет на еден град


Архитектите, професори на Архитектонскиот факултет при универзитетот "Св.Кирил и Методиј" во Скопје, Митко Хаџи-Пуља и Минас Бакалчев се годинешните добитници на Големата награда за архитектура АСК 2008. Нивното авторско дело "Македонско-италијански мултимедијален едукативен центар" во конкуренција на 16 труда доби највисоко признание од Градот Скопје


Наградата ја добивте за проектот кој веќе е и реализиран во рамките на универзитетот "Св.Кирил и Методиј". Како дојде до соработката со нарачателот на проектот?
Хаџи Пуља: Италијанската влада преку својата агенција ИМГ организира одредени донации во рамките на културата и образованието. Така стаса и донација до универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје за изградба на италијанско-македонски мултимедијален центар. Беше направен потесен избор од неколку групи што би влегле во проектот и по првобитната апликација тие се одлучија за нашиот проект.
Бакалчев:Архитектурата е тимска работа. Секој проект подразбира авторски тим и затоа би сакал да ги споменам и нашите соработници на овој проект Бетим Зекири и Виолета Бакалчева. Изведбениот проект пак, одеше преку ИМГ група во корелација со архитектонската фирма ДСЦ дизајн.

Дали можете попрецизно да ни го објасните проектот за кој ја добивте ова престижна награда и која всушност беше вашата задача во негово изготвување?
Хаџи-Пуља: Задачата за нас како архитекти беше извонредно сложена во смисла на тоа што објектот што требаше да се направи требаше да го надополнува она ткиво кое веќе има јасна смисла, фигура и целовитост. Се работи за легендарниот проект на универзитетскиот комплекс "Св.Кирил и Методиј" кој е авторско дело и како таков има прецизен јазик. Ние требаше да се вклучиме и не да го имитираме, туку креативно да се обидеме да го надополниме. Истовремено требаше да воспоставиме однос и со другата природа, со околината на објектот. Тој требаше да содржи еден скуптурален аспект, кој произлегува од веќе постоечката структура на универзитетскиот кампус, но и да се однесе кон метафизика на обичното, специфична за околното ткиво, околу универзитетот.
Бакалчев: Ние сакавме да работиме нешто помеѓу. Од една страна имавме објект, кој е од седумдесетите години, од период на обновата на Скопје по земјотресот, што ги носи идеите од тоа време и кој беше авангарда во тој период. Од друга страна и да доловиме една нова реалност.

Која е идејата на проектот и всушност каква функција има овој објект?
Бакалчев: Ова е еден вид павилјон кој се допира до комплексот на универзитетот и поради тоа е специфичен проект. Објектот има две нивоа на читање. Од една страна е обичен хангар-контејнер, а од друга направено е едно "здиплување" на внатрешната површина, хоризонтална и вертикална, која му дава еден скуптурален карактер на објектот, но истовремено и програмски го диференцира во однос на внатрешните содржини. Значи, сакавме објектот да ја задоволи онаа програмска зададеност, во однос на тоа што требаше да содржи аудиториум, кабинети, библиотека, галерија и простор за повеќе намени. Но, сакавме да има артистички момент и да биде привлечен за младите луѓе. Мислиме дека покрај неутралното зборување, образованието треба и визуелно да се стимулира.
Хаџи-Пуља: Објектот во феноменолошка смисла симболизира отвореност и безграничноста на процесот на образување. Се трудевме преку овој концепт да упатиме на вредностите на образовниот процес, а архитектонскиот простор како медиум е чинител на образованието.

Ова не е прво признание за вашиот придонес во архитектурата. Сепак, какво значење има за вас токму оваа награда.
Хаџи-Пуља: Голема чест е да се добие награда. Секако таа значи поттик и пред се лична одговорност во однос на ангажирање на сите овие просторни искуства што не заплискуваат во позитивна и негативна смисла. Во таа насока и не поттикнува да бидеме активни.
Бакалчев: Наградата е од градот во кој живееме, но и се однесува на него. Овој проект претставува еден наш конкретен прилог, наша визија за архитектурата во градот.

Дали според вас се поставени правците во планирањето и развојот на нашата метропола, особено на централното градско подрачје?
Бакалчев: Ако се поставени јас не можам да ги видам ниту како архитект, особено не како граѓанин. За мене градот, особено централно подрачје, е предмет на низа ексцесни ситуации во архитектурата. За жал, се покажува онаа подлабока општествена незрелост во однос на грижата кон сопствениот простор. Уште потрагично е што не можеме да одвоиме некаков извор на тоа, а таквата неодговорност одеднаш се шири како мрежа. Можеме да зборуваме за едно просторно, функционално, па дури и индивидуално загрозување. Имаме недозволено полнење на јавниот простор и подигање на висинскиот венец во центарот на градот, што е апсолутно недозволиво. Со тоа се врши негација на историските објекти во градот, а идентитетот на градот беше токму во онаа негова лежерност. Скопје има антологиски вредни архитектонски бисери, кои треба да се чуваат, бидејќи му даваат една поетика, една особена вредност и чувствителност.
Хаџи-Пуља: Архитектурата е идентитет, а идентитетот не е само именка. Тоа се факти. Архитектурата е уметност, медиум на комуникација. Преку објектите ние оставаме одредена историска порака. Одговорни сме спрема историјата во однос на тоа како ќе се претставиме. Низ историјата ние гледаме и ги препознаваме животите на луѓето преку објектите кои што ги граделе.

Даниела ТРАЈКОВСКА





Статијата е прочитана 3243 пати. #

Зошто мојот коментар не излегува на Web страницатa?

Оставете коментар за објавената вест
Сите полиња се задолжителни!

Од кого:


Коментар: 


*Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 

    




 

 

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ
Насловна
 
Гола вистина
 

Снег на Водно
Блесок 10
 
Марфи
Скриената мана никогаш не останува скриена.