ПО ЧЕТВРТИ ПАТ
Влатко Илиевски стана традиција на Сунчане скале
Влатко Илиевски по четврти пат ќе застане на сцената на Сунчане скале. На фестивалот, кој на 2 и 3 јули ќе се одржи во Херцег Нови, пејачот ќе ја изведе темата "Нема ме", на вечерта на која ќе се избира Песна на летото. Под музиката на синглот стои потписот на Григор Копров, аранжманот е на Владимир Дојчиновски-Дојчин, а текстот е потпишан од Емилија Кокиќ, која со групата Рива во 1989 година победи на Евровизијата во Швајцарија со "Рок ми". Песната наскоро ќе биде овековечена и со видео, а каде ќе се снимаат кадрите, се уште не е познато.
"Традиционално секое лето сум дел од најголемиот музички фестивал на Балканот. Годинава ќе настапам со "Нема ме", песна под која се потпишуваат докажани имиња во полето на музиката. Деновиве ќе започне и снимањето на видеото", вели Илиевски, кој моментално го снима и спотот за актуелната "Лето".
(Ан.Ѓ.)
|