ПОВЕЌЕ ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ НАДВОР ОД ПОЛИТИКАТА ЌЕ СЕ НАЈДАТ НА КАНДИДАТСКИТЕ ЛИСТИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ
Врбица Стефанов: Кавадарци ме задолжи и сакам да направам нешто за градот
Освен кошаркарската ѕвезда, на советничка листа на најголемата владејачка партија за Скопје ќе се најде и пејачката Есма Реџепова-Теодосиевска. Оваа партија на локалните избори ќе кандидира и луѓе од бизнис-заедницата. Сопственикот на маркетите "Тинекс" Владимир Тодоровиќ е кандидат за градоначалник на Центар. Социјалдемократите, пак, на овие избори за градоначалник на Центар да го кандидираат адвокатот Мирослав Вујиќ. На нивните кандидатски листи е и поранешниот новинар Ратомир Цениќ
Бизнисмени, спортисти, пејачи, адвокати, новинари ќе бидат дел од кандидатските листи за советници во неколку општини на претстојните, локални избори, на 22 март. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот коалициски партнер ТМРО и опозициската СДСМ се партиите кои со личности успешни надвор од политиката ќе се обидат да освојат поголем број гласови. Велат дека чувствуваат дека можат да придонесат за побрз развој на општините и затоа се активирале на политичката сцена, а не поради профит и афирмација.
Кошаркарскиот ас и капитен на машката кошаркарска репрезентација Врбица Стефанов ќе биде трет на листата на кандидати за советници на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци. Вели дека по завршетокот на кошаркарската кариера ќе има повеќе време за активно да се вклучи во политиката. - Јас сум роден во Кавадарци. Ја завршувам кариерата, а овој град има направено многу за мене и ме задолжил. Затоа ја прифатив понудата и ќе ми биде драго да направам нешто за градот, вели Стефанов.
Освен кошаркарската ѕвезда, на советничка листа на најголемата владејачка партија за Скопје ќе се најде и пејачката Есма Реџепова-Теодосиевска. Ова нема да и биде прво политичко искуство на "кралицата на ромската музика". Таа пред неколку години беше советник, избрана како член на Демократска алтернатива на Васил Тупурковски. Откако оваа партија згасна, премина во ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа партија на локалните избори ќе кандидира и луѓе од бизнис-заедницата. Сопственикот на маркетите "Тинекс", Владимир Тодоровиќ е кандидат за градоначалник на Центар. СДСМ смета дека е неприфатливо кандидатот за градоначалник на Центар да живее во Кисела Вода. ВМРО-ДПМНЕ возврати дека кандидатите за градоначалници од редовите на опозицијата се анонимуси. Социјалдемократите, пак, на овие избори за градоначалник на Центар да го кандидираат адвокатот Мирослав Вујиќ. На нивните кандидатски листи е и поранешниот новинар Ратомир Цениќ.
ТМРО пак го кандидира Симон Гаџида Поликарп, попознат како Џими од К-15. Четириесет и шест годишниот Нигериец Поликарп веќе 23 години живее во Штип и е оженет со Македонка. Осуден беше на затворска казна од три месеци за сообраќајна несреќа без жртви. Побара помилување од претседателот Бранко Црвенковски, кој го одби барањето. Врховниот суд му ја преиначи пресудата во условна казна, откако помина 20 дена во затвор. Тој вели дека може многу да направи за Штип и за Македонија. - Еден американски претседател рекол "немој да се прашуваш што може државата да направи за тебе, туку што можеш ти да направиш за државата". Тоа е мојот мотив за да се вклучам во политиката. Државата треба да оди напред, вели Гаџида Поликарп.
Градимир МАРКОВСКИ
|